Во Прилеп беше одбележана 83-годишнината од Дабничкиот масакр, еден од најцрните настани во Втората светска војна. На 19 септември 1942 година бугарскиот окупатор сурово уби 19 партизани од селото Дабница и од Прилеп.
На спомен-настанот беше потенцирано дека овој датум не смее да се заборави и дека Македонија својата слобода и државност ги должи на храбрите борци од Народноослободителната борба.
Иако државата и локалните институции формално го одбележуваат настанот, споменикот што сведочи за оваа трагедија денес е запоставен. Околината е претворена во дива депонија, се палат кабли и гуми, има отпад, а некогаш обновениот споменик во 2019 година веќе повторно е уништен.
Сојузот на борци апелира до граѓаните и институциите да покажат поголема грижа и почит кон историјата и кон жртвите кои ги положија своите животи за основите на македонската држава.
Историчарот Рубин Белески истакна дека македонската држава е родена преку Народноослободителната борба и дека токму придобивките од таа борба – слободата, државноста и достоинството – мора достојно да се негуваат и зачуваат.
На комеморацијата беше потсетено и на сведоштвото на Петко Велкоски, еден од ретките преживеани, кој раскажал дека преживеал затоа што бил затрупан под телата на загинатите. Тој станал жив сведок на ужасот што се случил на тоа место.
Оваа годишнина уште еднаш потсетува дека паметењето на жртвите е обврска на сегашните и идните генерации, а спомен-обележјата се симболи на колективната меморија кои треба да се чуваат со посебна грижа и почит.
„Да не заборавиме – живите сведоци зборуваат“
Киро Бешировски, претседател на Здружението „Партизанска Дабница 1942“, потсети на времињата кога генерации ученици рака за рака доаѓале во Дабница за да се поклонат на споменикот и да учат за историјата преку приредби, песни и говори.
„Не знам колку денес се изучува во училиштата оваа историја. Нас како ученици нè носеа тука, сигурно се сеќавате, рака за рака од сите училишта. Споменикот беше подолу, на самото место на стреланите, и таму имаше приредби, рецитали, песни, говори… Потоа тоа исчезна. Зошто денес да нема тука ученици, зошто да нема рецитал?“ – праша Бешировски.
Тој предупреди дека без живо сведоштво историјата може да избледи:
„Ако денес не ги донесеме младите тука, како тие утре ќе пренесуваат дека и ние сме биле во Дабница? Денес сите сме сведоци, но треба да има живи сведоци – луѓе кои ќе ја раскажат вистината, кои ќе пренесат спомени и пораки од тие настани.“