6 C
Skopje
среда, мај 7, 2025
spot_img

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

Даниел Милер-Шот, виртуозот на виолончелото, солист со Македонската филхармонија

Македонската филхармонија повторно го носи виртуозот на виолончелото, Даниел Милер-Шот, од Германија.

На претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија со наслов „Морски бранови“, кој ќе се одржи на 6 декември, в четврток, во 20 часот, како солист ќе настапи Даниел Милер-Шот, еден од најславните виолончелисти на новата генерација. Овој амбасадор на музиката на 21 век за македонската публика ќе го изведе Концертот за виолончело и оркестар бр. 1 од Дмитриј Шостакович.

Диригент на концертот првпат во Македонија е маестро Румон Гамба од Велика Британија, а оваа вечер ќе бидат изведени и импресивните дела: Четири морски интерлудии од операта „Питер Грајмс“ од Бенџамин Бритн, како и „Море“ и „Потонатата катедрала“ (која ќе ја доживее македонската премира) од Клод Дебиси.

Британскиот диригент Румон Гамба во својата досегашна кариера бил на неколку значајни позиција, меѓу нив и шеф-диригент и музички директор на Шведската оперска компанија Норланд опера (2008–2015), шеф-диригент на Алборг симфонискиот оркестар (2011–2015), како и шеф-диригент и музички директор на Симфонискиот оркестар на Исланд (2002–2010). Маестро Гамба особено се фокусира на современата музика и неговото име стои зад светските премиери на „Две момчиња“ на Нико Мулеј во Англиската национална опера, Концертот за виола на Брет Дин со Би-би-си симфонискиот оркестар, националните премиери на „Танцувач во ноќта“ на Пол Рудерс, „Крв на подот“ од Марк Ентони или „Скерцоид“ со Норланд опера, како и австралиската премиера на оригиналната верзија на Симфонија бр. 5 од Сибелиус… Неговото име е запишано и на голем број аудиоизданија на кои се наоѓаат современи творби. Во 2017 година маестро Гамба се враќа на Би-би-си промс диригирајќи со врвниот џез-ансамбл Bang on a Can All-Stars заедно со Младинскиот ансамбл. Покрај современата музика, тој е активен и како диригент на железниот оперски репертоар, како што се „Кармен“, „Боеми“, „Отело“, „Кандид“, „Риголето“.

Германскиот виртуоз на виолончелото, Даниел Милер-Шот, се смета за еден од најистаканите претставници на овој инструмент на својата генерација и повеќе од две децении ја воодушевува публиката во светот. Овој амбасадор на музиката во 21 век, кој „Њујорк тајмс“ го нарече бестрашен интерпретатор со извонредна техника, е роден во 1976 година во Минхен. Студирал со видни имиња – германскиот виолончелист Волтер Нотас, австрискиот виолончелист Хајнрих Шиф, како и со британскиот виолончелист Стивен Исерлис, а преку фондацијата на славната виолинистка Ана-Софи Мутер, на нејзино лично инсистирање поминал една година студии со прочуениот Мстислав Ростропович. На 15 години Даниел Милер-Шот ја добил првата награда на интернационалниот натпревар за млади музичари „Чајковски“ во Москва во 1992 година и оттогаш неговата кариера рапидно почнала да расте. Неговото име е запишано на сите светски концертни репертоари. Ја воодушевува публиката со својата виртуозност, со нескриено енергичната интерпретација, со совршената комбинација на техничка, интелектуална и емотивна зрелост. Даниел Милер соработува со голем број водечки оркестри на САД, Европа и од Азија, со врвни диригентски имиња, како што се Ашкенази, Мазур, Орамо или Превин, а неговиот репертоар е составен од најпознатите дела напишани за виолончело. Во новата концертна сезона тој настапува и ќе настапува со оркестарот „Тонхале“ во Цирих, Кралскиот филхармониски оркестар, Далас симфонискиот оркестар… но е закажана и светска турнеја со рецитали и камерни концерти. За Денот на германското единство во Берлин во 2018 и во знак на сеќавање на неговиот починат учител Ростропович, Даниел Милер, свиреше пред Бранденбуршката порта дела од Јохан Себастијан Бах пред речиси 500 илјади слушатели.

Добитник е на значајни награди и признанија и реализирал голем број снимки за познатите издавачки куќи „Орфеј“, „Дојче грамофон“, „ЕМИ класикс“. Со Ана-Софи Мутер и Андре Превин тој ги сними Моцартовите трија за пијано, а со познатата канадска пијанистка Анџела Хјувит ги сними сите дела на Бетовен за виолончело и пијано. Милер-Шот свири на инструмент од 1727 година од најпознатиот венециски изработувач на виолончела, Матео Гофрилер.

Последни објави

АКТУЕЛНО

Stay in touch

To be updated with all the latest news, offers and special announcements.