Непризнавањето на пописот од страна на опозицијата нема да им пречи на европската статистичка агенција, на ЕУ, на ООН и на целата меѓународна заедница да ги користат податоците како валидни откако меѓународната заедница ќе ги признае и ќе стане дел од домашните и меѓународни институции, пишува поранешниот премиер.
На Македонија несомнено ѝ е потребен попис, но реален и фер попис, попис во кој ќе веруваат најголем дел од граѓаните, со закон кој го гарантира тоа и со доверба кај сите политички чинители која потоа ќе се рефлектира и во поголема доверба кај населението и општата јавност, напиша на Фејсбук поранешниот премиер Никола Груевски.
„Отфрлањето на амандманите со кои се предлагаше при секое попишување идентификација на лицата да се направи со отпечаток од прст преку мобилна опрема кај секој попишувач која е онлајн поврзана со базата на податоци на МВР е лош сигнал и нема аргументирано објаснување, што остава простор за сериозен сомнеж дека некој планира лажирање на пописот со лица кои не се присутни или можеби и не се живи. Исто така, отфрлањето на принципот насекаде да одат двајца попишувачи од различна националност со врзан потпис е голем чекор кон нарушување на довербата во процесот, но и на зголемениот надзор. Но, отфрлањето на амадманите не е крај на сите можности ако почне порационално да се размислува. Не е разбирливо зошто се укинува Државната пописна комисија во која и опозицијата би можела да делегира неколку експерти од областа, кои би имале право на проверка на попишаните лица, со испраќање нова попишувачка двојка онаму каде има основан сомнеж, но и со надзор на работата при утврдување на критериумите и изборот на теренски попишувачи, како и контрола врз внесувањето на податоците во компјутер подоцна“, пишува Груевски.
Отфрлањето на предлогот на опозицијата секој попишан да добие примерок од пописната листа, додава тој, исто така не е добар чекор.
Целиот статус прочитајте го ТУКА.