ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

Монструмот и се заканувал со смрт: Девојката веќе еднаш се спасила бегајќи преку прозорец, а минувачи повикале полиција

Две лица се пронајдени мртви во Богданци, едното во целосно опожарено возило, а другото во негова непосредна близина. Едно од починатите лица е идентификувано како 21-годишниот В.Г. од Богданци. Од МВР информираат дека тој претходно бил кривично пријавен поради физички напад и закани кон неговата 17-годишна девојка.

Случајот бил пријавен вчера во 18:40 часот, кога Т.К. од Богданци известил дека на местото викано „Ичева чешма“, во Горно Село, забележал запален паркиран автомобил и безживотно тело во негова близина.

Полициски екипи од Полициската станица Гевгелија веднаш излегле на терен. При увидот било утврдено дека покрај опожареното возило се наоѓа машко лице без знаци на живот. Итната медицинска помош од Општата болница во Гевгелија ја констатирала смртта, а идентитетот на лицето бил утврден како В.Г. (21) од Богданци.

Откако пожарот бил локализиран од противпожарните екипи, во внатрешноста на автомобилот било пронајдено уште едно опожарено тело.

За настанот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, по чиј налог бил извршен увид на местото. Телата се предадени на обдукција, која треба да помогне во утврдувањето на идентитетот на второто лице и причините за смртта.

Претходно пријавен случај на насилство

Од МВР потсетуваат дека 21-годишниот В.Г. претходно бил пријавен за физички напад врз малолетна девојка со која бил во љубовна врска.

Според полициските информации, на 1 октомври 2026 година, 46-годишниот Џ.К. пријавил дека неговата 17-годишна ќерка вечерта на 30 септември била физички нападната од В.Г. во неговата семејна куќа во Богданци.

На физичкиот напад, според пријавата, му претходела вербална расправија. Потоа 21-годишникот наводно ја нападнал девојката и ѝ се заканувал со смрт доколку се обиде да ја напушти куќата. Во пријавата било наведено и дека ѝ го оштетил мобилниот телефон за да ја спречи да повика полиција.

Девојката успеала да избега преку прозорец, а помош ѝ пружиле случајни минувачи кои повикале полиција. Таа потоа била пренесена во Итната медицинска помош при Општата болница во Гевгелија.

В.Г. бил лишен од слобода на 1 октомври, а на 14 октомври Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гевгелија поднела кривична пријава против него за сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“, согласно член 130 став 2 од Кривичниот законик.

Засега нема официјални информации за околностите под кои починале двете лица, ниту е потврдена поврзаност меѓу претходно пријавениот случај на насилство и пронаоѓањето на телата.

Од МВР соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Последни објави

АКТУЕЛНО