Иако авионските несреќи се случуваат приближно еднаш во 1,2 милион летови, добро е во секој момент да бидете подготвени и да мислите на својата безбедност.

Пензионираната стјуардеса Шерил Швортс неодамна дала неколку совети за тоа што треба да се направи во случај на авионска несреќа и како да се зголемат шансите за преживување.

Швортс, која работела за компанијата „Јунајтед ерлајнс“, вели дека патниците пред да се сместат во своите столчиња би требало да пребројат колку редови ги делат од најблискиот излез во случај на опасност. Како што нагласила таа, во такви ситуации видливоста е намалена, па оваа информација би можела значајно да ја забрза постапката за евакуација.

„Не е важно дали со децении летате со истиот тип авион, едноставно, сите се различни“, вели таа.

Пензионираната стјуардеса исто така нагласила дека треба да се процени која е најдобра потпора за секое седиште. Доколку пред вашето седиште се наоѓа друго, тогаш најдобро е да го користите потпирачот од седиштето пред вас како потпора, односно на него да ја потпрете вашата глава.

Доколку пред вашето седиште нема друго, стјуардесата препорачува да ги склопите нозете и главата да ја поставите на колената. Исто така, во секој момент патниците би требало да имаат безбедносен појас на себе.

Таа советува дека би требало да знаете што точно да понесете со себе, а што да оставите. Собирањето на работите што мислите да ги земете со вас може да потрае подолго време. Мора да запомните дека нема предмет поради кој вреди да се умре, вели Швортс.

„Без оглед дали станува збор за 600 или 30 патници, имаме 90 секунди за евакуација. Ние сме обучени и знаеме што да правиме во текот на тие 90 секунди, а рачниот багаж на патниците не влегува во тој протокол“, истакнува таа.