Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, заедно со волонтери и активисти на СДСМ, со поддршка на специјализирани возила и во саботата се со жителите на скопските населби погодени од невремето, соопштуваат од партијата.
„Апсолутно, мислам дека секој одговорен човек во Република Македонија треба да биде солидарен во овој момент со жителите на овие населени места, со жителите на Скопје. Да им помогнеме без притоа да се прави било каква поделба по било каква основа, ниту верска, ниту политичка, ниту национална основа и да заборавиме на разно разни начини на дистрибуција на помош коишто селектираат поединци или поедини семејства“, изјави Спасовски за време на посетата на жителите од погодените подрачја и распределбата на хуманитарната помош.
„Исто така, апелирам да се вклучи целосно механизацијата во Република Македонија заради тоа што имаме многу фирми коишто добиваат државни тендери, коишто работат за државните институции, за да немаме поголема хуманитарна катастрофа, да има што е можно повеќе камиони, градежни машини коишто ќе можат да го изнесат целиот овој отпад пред да прерасне во еколошка катастрофа“, додаде Спасовски.
„Интервентно мора и барам да и Владата и Собранието утре да заседаваат да се донесат одлуки за еднократна парична помош на сите семесјтва коишто се настрадани, заради тоа што се неопходно потребни и да имаме комисии, што е можно повеќе комисии коишто ќе проценуваат штети за да можат и овие штети да им се надоместуваат на граѓаните. Сериозни се загубите, сериозни се штетите“, изјави тој.
Според него „најголемата загуба за Република Македонија и за Скопје е тоа што имаме човечки жртви, меѓутоа ова треба да биде сериозна поука за Владата на Република Македонија, за институциите во државата дека мора да функционираат во секој момент за да не ни се случуваат какви катастрофи или барем да ги намалиме последиците од од нив“.