Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против три лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело насилство, а во врска со пукањето што се случи во четвртокот во Чаир, а во кое беше ранет Ваљон Беља од ДУИ, економски директор на Клиниката за гинекологија. Лицето кое пукало е во бегство и засега не е идентификувано.
„Тројцата се осомничени дека на 20 декември, на паркингот позади маркет во Чаир, извршиле грубо насилство со кое предизвикале тешка телесна повреда кај едно оштетено лице, а во јавноста предизвикале чувство на несигурност и страв“, соопштија од Обвинителството.
Осомничените му се приближиле на Беља и го нападнале удирајќи го со тупаници по лицето и телото. Непознато машко лице, кое било заедно со нив, извадило огнено оружје и со него испукало два куршуми и го погодил Беља во десната нога и му нанел тешка телесна повреда.
Тројцата осомничени се приведени и ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка, а непознатото лице инволвирано во настанот е во бегство.
Надлежен јавен обвинител до судот достави и предлог за определување мерки на претпазливост за осомничените – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патните исправи, како и забрана да му се приближуваат на оштетениот.