Бројот на туристи на Кипар е зголемен во август речиси 17 отсто на годишно ниво, што овој месец го прави најдобар од било кога за кипарскиот сектор на туризмот.Кипар го посетиле над 458 илјади туристи, покажаа објавените официјални податоци.
Бројот на туристи од Британија пораснал 9,9 отсто, на 172,24 илјади, додека бројот на руски туристи, кои се втори најбројни туристи на Кипар, скокнал 36,8 отсто, на 122,84 илјади.
Исто така, евидентиран е пораст на израелските туристи од 61 отсто, кои во август на Кипар биле 27,05 илјади.
Во првата половина на тековната година кипарските приходи од туризмот се зголемени 13,7 отсто, на 831,2 милиони евра од 730,9 милиони евра од истиот период лани.
Приходите од туризмот чинат околу 12 отсто од бруто домашниот производ на кипарската економија и се заслужни за релативно брзото закрепнување на официјална Никозија од економската криза, заради која ова земја беше принудена да побара меѓународна помош.