Нема подобро време за решавањето на спорот за името, порача во понеделникот американскиот амбасадор Џеј Бејли, додавајќи дека бегалската криза ги потенцирала потребите од поголема соработка меѓу Македонија и Грција.
Според него САД, ОН и останатите партнери и пријатели на земјата се подготвени да помогнат во напорите кои Скопје и Атина ги прават за решавањето на овој повеќедецениски проблем.
Обраќајќи се по повод Денот на НАТО во Домот на АРМ, Бејли се осврна и на обврските од Пржинскиот договор, потенцирајќи дека она што сега е важно е да се имплементираат реформите кои се потребни за одржувањето на изборите.
„Кредибилни избори, работата на СЈО, реформите во медиумите и други области. Заедно тие испраќаат стратегиска порака на идните НАТО сојузници за вашата посветеност на вредностите на Алијансата. Меѓутоа полумерките ја испраќаат спротивната порака и може да ја поткопаат поддршката. Така што овие три области, односите со Грција, одбранбените можности и демократијата и владеењето на правото, нудат можности и се признание за многуте предизвици околу нас. Мојата порака е многу едноставна-искористете ги овие можности“, порача американскиот амбасадор.