Баба Ирма од Италија има 93 години, но тоа не ја спречи во желбата да замине како волонтер во Кенија, каде што во наредните три недели ќе работи во дом за сирачиња.
Оваа несекојдневна вест ја објави на „Фејсбук“ внука ѝ по што набргу Ирма стана многу популарна на социјалната мрежа.
Нејзината внука Елиза Колтро ги објави на „Фејсбук“ фотографиите на Ирма, која со својот бастун и црвен куфер тргна на далечниот пат.
„Ова е мојата баба Ирма, девојка од 93 години, која тргна на пат за Кенија, но не како турист, туку ќе волонтира во еден дом за сираци“, напиша внуката.
За помалку од два дена оваа порака е препратена на „Фејсбук“ дури 7.000 пати и под неа има неколку илјади коментари. Италијанските медиуми се луди по бабата Ирма. Веднаш ги пронајдоа нејзините роднини, кои изјавиле дека бабата останала сама на 26 години кога починал нејзиниот сопруг и дека сама се грижела за нејзините три деца.
Таа е по потекло од Венеција, а на пат во Кенија заминала заедно со ќерка си во надеж дека во наредните неколку недели ќе помогне во работата на домот за сирачиња.