Тројца рибари од Орегон кои ловеле лососи едвај спасиле жива глава пред налет на глисер скокајќи од својот брод во студената вода на реката Колумбија, а неверојатниот инцидент бил снимен со го-про камера.

Глисерот, само еден момент откако рибарите скокнале во реката, со полна брзина се забил во нивниот чамец. Настанот се случил пред неколку месеци на местото каде што реката Колумбија се влева во Тихиот Океан, пренесоа локалните медиуми. На видеото може да се види како Кристофер Мекмахон (46), еден од тројцата рибари, залудно мавта и му вика на возачот на глисерот да сврти настрана.

Иако тој и другиот рибар, Брајан Масен (47), немале појаси за спасување, додека Рони Дурам (57) имала, но истиот бил издишан, за среќа, никој од нив не се удавил. Сепак, сите тројца се повредени.

Возачот на глисерот, Марлин Ли Ларсен, бил уапсен и заработил неколку кривични пријави, а како што пренесе шерифот на округот Клетсоп каунти, 75-годишниот Ларсен изјавил дека не ја забележал опасноста бидејќи седел, а контролната табла на глисерот му го блокирала погледот.