Речиси нема човек кој барем еднаш во животот немал херпес. Познат е и како грозница. Херпесот најчесто се појавува кога ослабнува имунитетот, а симптомите се болка, печење и чешање кое е проследено со појава на меурчиња.
Болестите кои предизвикуваат опаѓање на имунитетот влијаат на појавата на херпес. Стресен период, како психички, така и физички, може да предизвика појава на херпес, а неретко се појавува и кај жените за време на менструалниот циклус.
На оваа болест и претходат чешањето, напнатоста, чувството на непријатност, а по неколку денови се појавуваат и меурчиња полни со бистра течност кои се формираат во вид на грозд. Херпесот притоа започнува да чеша и да пече, а бистрата течност ја заменува заматена течност. Тоа се најризичните периоди, бидејќи тогаш и со прстите може да се пренесе дури и на очите или на други лица. По пет до седум денови меурчињата пукаат и на тие места настануваат крастички, по што лицето повеќе не претставува извор на зараза.
За време на лечењето на херпесот, најважно е одржувањето на хигиената. Не делете со никого прибор за јадење, чаша, лажица, бидејќи херпесот е пренослив. Обратете се на лекар за да ве упати на најбрзиот начин за лекување на оваа болест и дознајте на што во иднина да обратите посебно внимание за да ја спречите појавата на херпес.