Србин кој веќе дваесет години живее во Барселона и се занимава со угостителство налути многу луѓе поради називот на неговиот најнов ресторан.
Имено, Марко Миленковиќ својот ресторан го нарекол „Ескобар“ според познатиот колумбиски наркобос Пабло Ескобар, но таа негова постапка предизвикала гнев меѓу Колумбијците во Шпанија кои преку друштвените мрежи покренале акција против него.
Угостителот од своја страна тврди дека тој немал намера никого да се навреди, а името на ресторанот било инспирирано од популарната телевизиска серија „Наркос“, која се занимава со животот на познатиот криминалец.
„Сакав да отворам ресторан инспириран од некој филм или серија. Изборот на крајот падна на извонредната серија ‘Наркос’“, изјавил Марко во шпанските медиуми.
Медиумите во веста за Миленковиќ објавиле и фотографии од декорацијата на ресторанот, во кој се наоѓаат слики од соработниците на Ескобар и познати цитати од колумбискиот „крал на дрогата“.
Ваквиот декор ги разгневил Колумбијците од шпанската заедница, особено погодени од фактот дека Марко оброците во својот ресторан ги именувал според соработниците на Ескобар, пишува шпански „Ел Тиемпо“.
Слики од ресторанот на социјалните мрежи споделила Колумбијката Марија Изабел Кајаио, со коментар:
„Јас сум бесна. Мојата земја е повредена. Пред околу еден месец во Барселона е отворен ресторан со името на Ескобар во знак на почит кон ликовите одговорни за тешките времиња во Колумбија. Кој ли се сети на ваква страшна идеја?“, прашала таа.
Во продолжение ја објавила и адресата на ресторанот и ги повикала луѓето да го бојкотираат и да остават лоши оценки и рецензии за да го изразат својот револт.
Марко, пак, тврди дека не сакал да провоцира ниту, пак, да повреди некого.
„Јас само сакав ресторан на тема Пабло Ескобар“, вели тој, додавајќи дека во ресторанот не се продава дрога туку дека само имињата на јадењата се инспирирани од ликовите од картелот Меделин.
Повикот за бојкот, сепак, наиде на голем одзив. На фејсбук-страницата на ресторанот повеќе од двесте корисници го оцениле само со една ѕвезда и оставиле многу лоши коментари.
„Овој ресторан е нешто најодвратно што сум го видел. Веројатно вам ви е интересно и смешно тоа што се случувало во мојата земја каде стотици луѓе умирале поради трговијата со дрога. Ова е потсмевање со жртвите. Од срце ви посакувам да банкротирате што побрзо“, гласи еден од многуте негативни коментари на „Фејсбук“.