Се сеќавам уште во градинка кога одев, кога помеѓу првите песнички што ги учевме беше и таа за татковината. И секоја втора песничка беше поврзана со татковината. Колку е убава, колку е мила. Колку треба да ја сакаме, колку треба да ја чуваме. Колку треба да се гордееме со неа…
И со учителката во училиште учевме што значи татковина. Која е нашата татковина. Кои се борците. Што направиле тие за ние денеска да живееме среќни.
И уште од најмали нозе на децата им се зборува за својата татковина. Како таа е една и единствена. И дека никоја друга нема да може да ја замени.
И се е убаво кога си дете. Како одат годините напред, љубовта кон татковината останува иста, но желбата за да си одиш од неа, е многу голема.
И еве денеска јас имам 30 години. Да си ја сакам јас мојата татковина, мојата Македонија, моето родно Скопје, каде се родив, пораснав, се школував, завршив факултет, се изградив како личност, но за кратко ќе кажам едно големо збогум. И не затоа што сакам, туку затоа што морам. Никаде не е како дома, но дома за жал немаш ништо.
Како што кажав имам полни 30 години. Завршив педагошки факултет, но за жал никогаш не најдов работа според она што го учев. Работев се друго, само не бев наставничка. И како келнер, и во конфекција, и во книжара, и во бутик, и сега работам во еден маркет. Земам плата од 10 000 денари. И речиси секој месец имам минус, бидејќи нели работам со производи кои имаат рок на траење, па ако помине рокот продавачките се виновни што не се продало. И така натаму оди приказната.
Имам дечко, со кој сме во врска 12 години. Тој има 32 години, со факултетска диплома, а работи во салон за миење коли. Живее со неговите во ист стан и со брат му кој има плус своја фамилија.
Секојдневно одговараме на прашањата што чекаме, зошто не се земеме. Зарем не е јасно? Зарем ние не сакаме? Зарем ние не сакаме да го шириме нашето семејство? Но, ете. Важно ја сакаме татковината.
И да, можеби нема да звучам како што треба, но како и поголемиот дел од Македонците кои бараат егзистенција за себе и за својата фамилија, и ние поднесовме документи за бугарски пасош и да, ни стигнаа. Најмногу болеше кога морав да одам таму и да кажам дека јас не сум Македонка, дека јас сум Бугарка! Нешто ми го стегна срцето.
Знам дека моите деца нема да го живеат живот како мојот. Се сеќавам кога одев на факултет. Без работа останаа и мајка ми и татко ми. Татко ми работеше што ќе најде, само јас да учам. Да можам еден ден да имам сигурна работа. Сигурна работа?
Си ја сакам татковината. Си го сакам родниот град. Но, овој пат ќе кажам збогум!
Извор: скопјеинфо.мк