Македонија го заврши Европското првенство со висок пораз од Данска. Во вкупниот пласман сме на 11. место. Ги видовме двете лица на нашите ракометари, немавме ниту еден пораз во Загреб, во Вараждин сите ги загубивме.
„Првенството беше премногу долго за нас, ние не сме навикнати да играме многу натпревари. До вчера имавме шанса да играме полуфинале, имавме добар натпревар со Чешка, но нивниот голман ја направи разликата и не успеавме“, вели Раул.
„Мислам дека одигравме подобро од планираното во Хрватска, првата фаза ја поминавме одлично, бевме прво место, потоа имавме шанси и за понатаму, но имавме и голем притисок. Против Шпанија го одигравме најлошиот натпревар. Бевме добри против Чешка, со Данска игравме одлично во првото полувреме, но потоа снемавме сила“.
„Европското првенство е турнир во кој нема слаби репрезентации, сите се добри, многу често еден гол ги решава работите и од него зависи дали ќе биде добар пласманот или не“.
„Дали жалам што не го играв Кузмановски вчера? Вие мислите дека ако тој играше немаше да загубиме? Добро. Секогаш кога тимот губи, тренерот е крив, јас сум виновен бидејќи одговорноста е моја. Секој мисли дека треба да игра секогаш, но не може сите да се на теренот. Со него можеби ќе загубевме и со десет разлика, можеби ќе победевме, не можеме да знаеме“.
Извор: мкд.мк