Седумкратниот светски првак во Формула 1, Михаел Шумахер би можел наскоро да биде префрлен на лекување во САД, пишуваат шведски и германски медиуми.

Според нив, поранешниот ас во иднина ќе се лекува во специјализирана болница за повреди на мозокот што се наоѓа во Далас. Одлуката ја донела сопругата Корина како последна надеж за заздравување на нејзиниот сопруг.

„Имаме големо искуство во лекување на пациенти со повреди на мозокот. Во Европа веројатно нема клиника со толку случаи како нас”, изјави докторот Марк Микс од болницата во Далас.

Михаел Шумахер се повреди пред речиси четири години во скијачка несреќа во францускиот Мерибел при што доживеа сериозни оштетувања на мозокот. По неколку операции и месеци поминати во индуцирана кома, од септември 2014 година тој се наоѓа во семејната куќа во Швајцарија каде Корина изгради приватна мини болница, а за состојбата на Михаел не се зборува многу во јавноста.