Скијачката и сноуборд федерација на САД (УССА) идната недела ќе поднесе службено барање до Меѓународната скијачка федерација (ФИС) за да ѝ биде овозможено на Линдзи Вон да настапи во спуст во машка конкуренција.
Доколку барањето биде прифатено, Вон, најтрофејната скијачка во американската историја (77 победи), ќе настапи последниот викенд во ноември на машкиот спуст во канадскиот Лејк Луис. Американката во Лејк Луис победила 14 пати.
Барањето УССА ќе го поднесе на претсезонскиот состанок на ФИС кој ќе се одржи во Цирих.
ФИС пред пет години го одби барањето на Вон со образложение дека според правилникот не се дозволени мешани трки.
Летово директорот на женските трки во ФИС, Атле Скардал, рекол дека „би било тешко да се организира таков предизвик“.
„Значи доколку на жените им биде дозволено да се натпреваруваат со мажите, тогаш ќе треба да им биде дозволено и на мажите да се натпреваруваат со жените, а јас не сум сигурен дека тоа е правецот во кој треба да се движиме“, рекол Скардал.
Вон, која во октомври ќе наполни 33 години, минатата година изјави дека „би сакала да победи некои од момците и потоа да му каже збогум на скијањето“.
„Знам дека нема да победам, но би сакала да се обидам“, изјавил таа за „Денвер пост“ на почетокот на годината.
Линдзи Вон е вистинска легенда на женското скијање и е една од шесте скијачки кои во кариерата победиле во сите пет дисциплини во алпско скијање (спуст, супер-Џ, велеслалом, слалом и комбинација).