Кога ја отворив Пи Ворлд, во неа инвестирав се што имам. Капитал, емоции, живот, среќа, соништа, апсолутно се. За само пет години заедно со мојот одличен тим ја позициониравме компанијата како маркет лидер во 30 земји во светот.
Ние бевме првата компанија што организирала бизнис настани во нашиот регион но и во Централна Азија, Северна Африка, Западна Африка а од овој месец сме и првата креативна агенција на која и е дозволено да работи во Иран. Со нашите консултанти работевме на проекти за Владата на Азербејџан но и за холивудската ѕвезда Мила Јовович. За само пет години постигнавме работи за кои многу компании можат само да сонуваат. И сето тоа го правевме со гордост, оттука, од Македонија.
Компанијата ја започнавме со минимален па дури може да се каже и смешен капитал. Успехот најверојатно дојде порадинашата макотрпна работа и на тоа што никогаш, ни јас ни мојот тим не се откажавме од целта да станеме број еден компанија за организирање на настани во светот. Иако пред пет години тоа изгледаше како невозможна мисија, денес можам слободно да кажам дека сме многу блиску до остварување на таа цел но за жал, не толку блиску колку што јас наивно си мислев.
За успехот на една компанија, освен макотрпна работа и стратешко планирање потребни се и многу финансии. Можеби на почетокот ќе се гордеете со фактот дека сте креирале успешна компанија со минимален капитал но во одреден развој од компанијата ќе сфатите дека за да одите на следното скалило потребни ви се финансии со кои за жал во тој момент не располагате. Во едно нормално општество би имале две можности за остварување на овие амбиции- или да земете кредит од банка или да најдете инвеститор кој ќе добие дел од вашата компанија но за возврат ќе добиете капитал со кој ќе можете да ги остварите целите на вашата компанија.
Поради експанзијата на нашата компанија и потреба од капитал, за првпат после пет години постоење, јас се одлучив за првата опција. Решив да појдам до мојата банка, за која сметав дека е мој стратешки партнер и да и објаснам дека потребен ми е капитал за да ја создадам најуспешната и најголемата агенција за организирање на настани во светот.
Објаснувајќи ја визијата за мојата компанија на вработените од банката и презентирајќи ја нашата стратегија поради која ни е потребен кредит, сфатив дека сите наши успеси, сите наши достинувања, сета наша макотрпна работа за нив не вредат апсолутно ништо. Знаете зошто? Бидејќи нив не ги интересира ни дали сме биле во Економист, ни дали сме прва агенција на која и е дозволено да работи во Иран ниту тоа дека сме работеле за холивудска ѕвезда- нив ги интересира само едно- што имаме ние да ставиме како гаранција за тој фамозен кредит. Не само тоа, банката со која соработував пет години, не знаеше ништо за мојата компанија. Апсолутно ништо. Прв пат веб страната на мојата компанија ја отворија кога им кажав дека сите информации за нашите пазари и продукти можат да ги најдат на нашата веб страна.
По неколку дена банката ми се јави и ми кажа дека кредитот не ни е одобрен бидејќи немаме што да ставиме како гаранција, дека сме биле визокоризичен бизнис и дека ако сакам кредит треба да ставам стан или нешто што поседувам како хипотека.
Стан? Каков стан? Се што имам, се што сум имал, сум ставил во оваа компанија, им кажав со неопислива тага во гласот. – Твоите немаат стан? – можеш нивниот стан да го ставиш како гаранција- ми рече службеничката во банката на која за овие 5 години и платив за услуги сума која беше далеку поголема од кредит што го баравме. Немав веќе што да и кажам. И реков само дека ќе размислам и дека ќе и се јавам.
Се почувствував како целиот свет да се сруши околу мене. Зар е можно после пет години работа, после пет години освојување на пазари, после толку многу достигнувања мојата компанија во очите на банката да не вреди ништо? Зар е нормално, jас како сопственик на интернационална компанија која растура во 30 земји во светот, да се јавувам кај татко ми и да го прашувам дали сака да го стави станот под хипотека за да можам јас да земам кредит за да ја однесам мојата компанија на следното ниво? Не е нормално луѓе. Не е нормално.
Јас немам ниту ниви, ниту станови. Имам само сон и елан за многу работа. Страшно ме погоди што мојата банка не гледа во мене како бизнис партнер, но за мене не е крај на светот. Ќе се снајдам исто така како што сум се снаоѓал овие пет години и можеби не за една години, но за неколку години ќе бидеме најголема светска компанија за организирање на настани но што е со сите ентузијасти и сонувачи што започнуваат свој бизнис со минимален капитал? Што ќе прават тие кога банката ќе им удри шамар во лице? Што ќе биде со нивните амбиции кога ќе сфатат дека во очите на нивната банка нивниот бизнис не вреди ништо? Зар да се задоволуваме само со отворени пиљари и бутици? Зар не треба нашите банки да почнат да инвестираат во нови бизниси кои гордо ќе ја претставуваат Македонија во светот? Па колку повеќе пари има една компанија толку повеќе пари има и за банката. Зар не треба да биде така?
Денес по пет години “брак” , јас официјално се разведувам од мојата досегашна банка. Се трудев да ни успее но за една врска да биде успешна треба двете страни да работат на тоа. Започнувам врска со нова банка, на која иако не сум и бил до сега клиент, ги разбира мојот бизнис и нашите цели и најважно од се, подготвена е да ни помогне.
Извор: Lider.mk