Во Австралија змиите се чести посетители на приградските дворови и домови. Тие се греат и уживаат на сонцето, но како што температурите се зголемуваат, влекачите бараат поладни места како пукнатини во ѕидот, под просторот за печење скара или зад климатизерот.
Но, кога воздухот истовремено станува топол и сув, тие бараат места кои се влажни, пишува „Вашингтон пост“.
Лук Хантли, ловец на змии од Квинсленд, во текот на рекордниот топлотен бран што ја погоди Австралија, често добива повици за отстранување на змии од бањите. Минатата недела тој фатил питон од два метра кој низ отворена врата влегол во туш кабина со цел да се засолни од неподносливата жештина. Неколку дена претходно, во друга куќа, Хантли извлекол помала змија од ВЦ школка.
Неодамна, една жена од Брисбејн седнала на ВЦ школката во својата слабо осветлена бања, по што почувствала допири по кожата. Хелен Ричардс погледнала во школката и видела питон кој гледал право во неа.
Просечната температура во Австралија е зголемена за околу 2 степена од 1910 година, поради што има чести топлотни бранови и долга суша. Топлото време се почесто привлекува змии во дворовите.
Австралија има околу 140 видови копнени змии. Како што градовите се шират кон нивните природни живеалишта, жителите и нивните миленици често среќаваат змии, особено за време на пролетта.