Меѓу патниците во авион што летал од Турција до Русија настанала огромна паника кога за само пет минути авионот нагло се спуштил од висина од 9.997 метри на речиси 500 метри по што дошло до ненадејно опаѓање на притисокот во кабината, пишуваат британските медиуми повикувајќи се на изјави од сведоци на настанот.
Уплашените туристи гласно викале, а некои од нив и почнале да плачат, пренесуваат медиумите, кои додаваат дека во авионот од типот „ербас 321“ на авиокомпанијата „Онур ер“, со седиште во Истанбул, имало 226 патници и осум члена на екипажот.
На видеоснимката направена од патници кога авионот слетал на аеродромот во Волгоград, на југот од Русија, се гледаат кислородни маски што висат од плафонот на авионот.
„Некои патници имаа потреба од медицинска и психолошка помош по овој ужасен инцидент“, изјавил неименуван извор од аеродромотза „Дејли мејл“.
Турскиот авион летал од Анталија до Чељабинск, град источно од планината Урал, но одеднаш се соочил со неочекуван проблем. Според непотврдени извештаи, до инцидентот дошло кога се расипал еден од моторите на авионот.