Чувствителни информации за локации на воени бази и шпионски позиции ширум светот биле откриени поради фитнес-апликацијата на компанијата „Страва“, пишува весникот „Гардијан“.

Имено, „Страва“ на интернет објави мапа која ги покажува активностите на корисниците на апликацијата, што се користи за следење и снимање на физичките активности и вежбите, како и за споделување на овие информации со други корисници.

Мапата била објавена во ноември 2017 година и ги покажува патеките кои корисниците ги минуваат за време на нивните тренинзи со трчање или возење велосипед. Меѓутоа, во текот на овој викенд австралискиот аналитичар Нејтан Русер предупреди на можните импликации за воените лица: „Картата изгледа многу убаво, но не е премногу добра за безбедноста. Имено, амариканските воени бази се многу лесно воочливи“, напиша тој на „Твитер“.