Од почетокот на следната година вработените во Армијата и во Министерството за одбрана ќе земаат повисоки плати. Најавата ја даде министерот Владо Мисајловски во Куманово, на свеченоста по повод Денот на Оперативната команда во касарната „Боро Меников“, каде беа и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и началникот на Генералштабот Сашко Лафчиски.
Министерот спомена и дека за професионалните војници што навршуваат 45 години е подготвено системско решение. Тоа го поминало владиниот колегиум и наскоро ќе се најде пред Владата на седница.
За синдикатите следува нов колективен договор. Мисајловски рече дека ќе разговара со нив и ќе ги разгледа нивните предлози, но дека правата што вработените веќе ги имаат нема да се допираат.
Од финансиската страна, министерот потсети дека откако е на чело на министерството, по судски спорови од 2019 и 2020 година се исплатени над 26 милиони евра. Паралелно се исполнуваат и обврските од колективниот договор, а парите за возилата „Страјкер“ и за хаубиците, како што рече, се плаќаат според планот.
Извор: Informa.mk