Поплавувањето, претераната влажност и застојаната вода може да придонесат за појава на мувла во вашиот дом, што може да биде опасно за вашето здравје и за здравјето на вашето семејство.
Кога ќе се вратите дома, обратете внимание -дали има видлива мувла или дали мириса на влага. Веројатно ќе се појават големи наслаги на мувла, ако куќата била поплавена подолго од 2 дена. Пред да го испланирате чистењето, запомнете дека не е секое лице погодно да работи во влажни услови. Проверете дали членовите на семејството и доброволците што се нудат да помогнат се чувствителни на мувла.
Мувлите се еден вид на габи (како печурките) што во мали количества се присутни речиси насекаде во куќата и надвор од неа. Луѓето се секојдневно изложени на мувли без да имаат никаква штета од тоа. На мувлите им требаат органска материја (на пример, лисја, дрво, хартија или прав) и влага за да растат. Таа често има зелена, сива, кафеава или црна боја и произведува мемлив мирис.
Најчестите видови куќни мувли се Alternaria, Cladosporium, Penicillium и Aspergillus. Тие ослободуваат безбројни ситни и многу лесни спори што се пренесуваат низ воздухот. Тоа се случува кога мувлите се активно вознемирени (при чистење) или во суви услови (кога куќата се суши). Ако материјалите и предметите на кои се нафатила мувла, не се отстранат или добро не се исчистат, големите количества спори од мувла што се присутни во воздухот може да станат опасни за здравјето на членовите на семејството, што се чувствителни.
Ако планирате да останете некое време внатре во куќата, или ако имате намера да ги чистите мувлосаните површини, носете и капа за туширање, очила и специјална маска за дишење, за да го спречите вдишувањето на спорите од мувлата. Ако боледувате од астма, а имате намера да чистите, постојано имајте ги при рака вашите лекови против астма. Ако почувствувате било какви знаци на астматичен напад, веднаш побарајте лекарска помош.