Научниците од Универзитетот во Саутемптон пронашле доказ дека свеста останува уште барем неколку минути по клиничката смрт, што до сега се сметаше за невозможно, пренесува британски „Daily telegraph“.

До сега најобемното истражување на доживувањето на блиска смрт и вонтелесните искуства укажуваат на тоа дека и откако мозокот ќе се ’исклучи’, некој дел од свеста на човекот останува активен.

Научниците четири години испитувале случаи на повеќе од 2.000 луѓе кај кои срцето престанало да работи во 15 болници во Велика Британија, САД и Австралија.

Откриле дека речиси 40 отсто од луѓето кои доживеале клиничка смрт опишале дека на некој начин биле свесни од моментот на срцевото застанување, до моментот на оживување.

Еден од испитаниците дури опишал како „го напуштил своето тело“ и над него посматрал како лекарите се борат за неговиот живот.

Иако овој маж стар 57 години бил „мртов“ три минути, тој детално опишал што правел медицинскиот персонал за да го спаси.

„Знаеме дека мозокот не може да функционира кога срцето ќе престане да чука. Но, во овој случај, се чини дека свеста продолжила да функционира во тие три минути додека срцето не чукало, иако мозокот ’се гаси’ во рок од 20 до 30 секунди по запирањето на работата на срцето“, рече водачот на истражувањето докторот Сем Парнија.

Тој рече дека пациентот опишал и како ги слушал звуците на медицинските апарати.

„Човекот опиша сè што се случувало во просторијата, но она што е уште поважно, слушнал два звука на машината која се огласува во интервали од три минути. Така можевме да знаеме колку траело неговото вонтелесно искуство. Неговите зборови се чинат веродостојни и сè се случило додека тој бил клинички мртвов“, изјави доктор Парнија.

Од 2.060 пациенти на кои им запрело срцето, преживеале 330, а од нив 140 рекле дека имале некој облик на свест пред да бидат оживеани.

Испитаниците воглавно не можеле да се сетат на детали од своето искуство, но научниците забележале дека некои искуства се повторуваат.

Еден од пет испитаници опишал дека чувствувал спокој, а секој трет испитаник споменал чувство на забрзување или забавување.

Некои зборувале за силна светлина, како ’златен блесок’, а други зборувале дека чувствувале дека се дават или тонат, 13 отсто од испитаниците рекле дека доживеале одвојување од телото и ист процент „почувствувал јакнење на сетилата“.

Докторот Парнија смета дека уште луѓе имале такви доживувања за време на оживувањето, но не се сеќаваат заради лековите што им биле дадени.

„Проценките укажуваат на тоа дека милиони луѓе имале ’живописни’ искуства со смртта. Многумина тоа веројатно го припишале на халуцинациите или илузиите, но тие сеќавања можеби се поврзани со вистински настани. Некои, пак, не се сеќаваат заради повреда на мозокот или седативите. Овие експерименти налагаат понатамошни истражувања“, рече Парнија.

Докторот Дејвид Вајлд, истражувач од Нотингем Трент универзитетот, собира податоци за вонтелесните искуства и се надева дека ова истражување ќе поттикне нови студии што ќе се занимаваат со оваа контроверзна тема.

Тој рече дека многу истражувања се ретроспективни, но во најновите експерименти научниците барале примери и користеле голем примерок, што дава дополнителна важност на нивната работа.

„Постојат навистина добри докази дека овие искуства навистина им се случуваат на луѓето кои биле клинички мртви. Ние едноставно не знаеме за што станува збор. Не знаеме што се случува по смртта, но се надеваме дека оваа студија ќе ни го осветли патот до новите научни сознанија“, вели Вајлд.

Истражувањето било објавено во журналот “Resuscitation”.