На престижниот меѓународен саем за автомобили во Женева, „Порше“ ја најави иднината со новиот модел Mission E Cross Turismo, концепт на CUV (Cross Utility Vehicle) со електричен погон.
Предностите на Cross Turismo со четири врати вклучуваат емоционален дизајн со впечатливи „оф-роуд“ елементи, како и иновативен екран и оперативен концепт со екран на допир и контрола со движење на очите.
Со должина од 4,95 метри, концепт возилото има погон на сите тркала и 800-волтна литиумска батерија подготвена за спојување на мрежата за брзо полнење. Овoј концепт на „Порше“, кое инаку успеа да ги привлече погледите на илјадници присутни на саемот во Женева, може да се полни со индукција, на бензинска пумпа или, пак, користејќи го домашниот систем на „Порше“ за полнење со електрична енергија. Со едно полнење може да се поминат околу 400 километри, а батеријата се полни за околу 15 минути.
Дизајн: Непогрешливата ДНК на „Порше“
Ниската хауба и силно заоблените краеви, како и целиот преден дел на Mission E Cross Turismo ја откриваат врската со спортската автомобилска икона Porsche 911. Вертикалните воздушни отвори на предниот дел, познати како воздушни завеси, само го дополнуваат карактеристичниот дизајн. Уште еден стилски печат се и LED светлата во стилот на „матрикс“. Типичните светла се развиени во тесни, тридимензионални стаклени елементи.
Истовремено, возилото има високи перформанси со технологијата Porsche X-Sight. „Оф-роуд“ дизајнираните елементи вклучуваат робусна заштита на тркалото и прагови на вратите, впечатлив преден и спуштен заден спојлер. Силуетата е дефинирана од спортската линија на кровот која се спушта наназад, што дизајнерите на „Порше“ ја нарекуваат „flyline“. Ова потсетува на задниот дел на моделот Panamera Sport Turismo. Еднакво карактеристичнo за брендот е и динамичниот облик на страничните прозорци.
Внатрешност: Видливи лесни структури
Внатрешноста ги реинтерпретира класичните елементи на „Порше“, кои го внесуваат брендот во дигиталната ера. Доколку како промер се земе конторлната табла, таа ја нагласува ширината на возилото и е составена од горен и долен дел во форма на крило. Таблата со инструменти е хоризонтално јасно организирана со свеж дизајн и TFT екрани.
Возење: Спортски е-перформанс благодарение на 600 KS
Двата синхронизирани мотори со постојан магнет (PSM) имаат сила поголема од 600 KS (440 kW) и му овозможуваат на Mission E Cross Turismo забрзување до 100 километри за час за помалку од 3,5 секудни и достигнување брзина од 200 километри на час за помалку од 12 секунди.
Моќноста што ја нуди новиот концепт на „Порше“ е неспоредлива со кој било друг електричен автомобил, особено во делот со забрзувањето кое што следи без губење на перформансите.