Ќерката и се пожалила на мајката дека во никој случај не може да го скроти мажот. Мајката на ова и одговорила:
-Се може да се поправи! Сакам да ми донесеш 3 влакна, но не обични, туку да бидат од мустаќите на тигар.
-Но Мамо! Тоа е невозможно! – Изненадено извикала ќерката.
-Пробај! Ти си жена! Можеш!
Почнала да мисли ќерката и конечно се досетила. Зела парче месо и отишла во шумата. Седнала и чекала.Тигарот го надушил мирисот на месо и се упатил кон девојката. Девојката го фрлила парчето месо и уплашено почнало да бега.
Следниот ден девојката повторно поминала во шумата со парче месо. Тигарот повторно ја почувствувал храната и почнал да се приближува. Таа пак го фрлила месото и избегала. Се сокрила и гледала како тигарот се храни. Истото се случило и на третиот и четвртиот пат …
Петтиот ден, кога видел како девојката му носи месо, тигарот започнал да мафта со опашката и девојката почнала без страв да го храни со рака. Така било и во следните неколку дена.
Деветтиот ден откако го изел парчето месо, тигарот ја потпрел главата на нејзините нозе и заспал. И додека тој блажено спиел, девојката скинала 3 влакна од неговите мустаќи и и ги дала на мајка си.
-Еве – рекла мајката – го скроти овој ѕвер, а не можеш да го скротиш својот маж? Оди си дома и освои го и него, со ум, со нежност, со трпение, како ти најдобро знаеш!
Жена си! Добро знаеш како да се грижиш за да го зачуваш својот маж!