6 C
Skopje
четврток, јуни 13, 2024
More

    ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

    Aнѓушев и Дончев: Подобрена е соработката меѓу Македонија и Бугарија

    Подобрена е меѓусебната соработка и правиме конкретни чекори за уште поголеми економски придобивки за двете земји. Ваква е оценката на заменик-претседателот на Владата, Кочо Анѓушев, и потпретседателот на Советот на министри на Република Бугарија, Томислав Дончев, на бизнис-форумот „Македонија – Бугарија 2019“.

    Заклучоците на официјалните лица на двете земји се дека по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, меѓусебната трговска размена помеѓу двете земји е интензивирана, а има и потенцијали за уште подобра економска соработка.
    Целта на форумот „Македонија – Бугарија 2019“ е проширувањето на стопанските перспективи во двете земји.

    Вицепремиерот Анѓушев истакна дека со организирање на овој форум се прави вториот конкретен чекор кон охрабрување на стопанството да соработува повеќе и да има економски раст и просперитет во двете држави. Првиот чекор беше постигнување политичка стабилност овозможен со потпишувањето на договорот за пријателство со Република Бугарија.

    „По потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, бројките покажуваат нагорен тренд и раст. Во 2018 година трговската размена на двете земји во првите 10 месеци достигна 695,2 милиони долари, или раст од 16,95% во споредба со истиот период во 2017 година. Исто така, карактеристична и важна е бројката на бугарски граѓани кои ја посетиле Македонија, во 2017 година таа изнесува 17 000, а во 2018 година достигнува 47 000 лица, што е енормно голем раст. Овие податоци ни даваат право да се надеваме и да очекуваме дека овде има уште поголем потенцијал, капацитет и тенденција за раст. Но уште поважно е дека ова не се еднострани бројки, не се индикатори за трговската размена само во еден правец, туку се одвиваат во двете насоки. Извозот и увозот почнаа да растат истовремено. Тоа значи дека двете економии почнале поинтензивно да соработуваат. Улогата на владите во засилување на економската размена е обезбедување услови за поинтензивна економска соработка, а точно тоа и го правиме“, изјави Анѓушев.

    Потпретседателот на Советот на министри на Република Бугарија, Томислав Дончев, кој ја предводеше делегацијата, ја истакна улогата на државата и институциите, а зборуваше и за можностите за поголема стопанска размена.

    „Државата и институции на системот треба да помагаат како во конкретниот случај со граничната контрола, предлог за кој многу е дискутирано и анализирано. Имаме искуство, сме го правеле тоа, според европското законодавство се дозволува и овозможува слободно движење на луѓето. Токму во тоа е поврзаноста. И затоа, сè што зависи од нас, од бугарска страна ќе биде исполнето. Големата тема е железницата. Патните врски на територија на Бугарија во голем дел се подготвени. Во моментов се проектира и се ангажираме во 2021 година да можеме да градиме. Но, не треба да се зборува само за патишта и железница, туку и за енергетска поврзаност, за дигиталната поврзаноста, за комуникациска поврзаност. Се согласивме дека тоа е сектор со голем потенцијал за заедничка соработка. Колку сме повеќе поврзани, толку е подобро за економијата во целост на двете земји. Јас сум апсолутно сигурен дека тоа можеме да го постигнеме заеднички“, потенцираше Дончев.

    Заменик-министерот за економија, Кире Наумов, го најави првиот состанок на мешовитата комисија за соработка, а заменик-министерот за економија на Република Бугарија, Александар Манолев, ги изнесе поединостите што се спроведуваат од страна на соседна Бугарија за полесна стопанска размена и за влез на бугарски компании во Македонија.

    Во рамките на бизнис-форумот, над 120 компании од Република Македонија и Република Бугарија остварија меѓусебни контакти, со цел разгледување на можностите за меѓусебна соработка и проширување на бизнис-портфолиото на компаниите.

    Latest Posts

    АКТУЕЛНО

    Stay in touch

    To be updated with all the latest news, offers and special announcements.