6 C
Skopje
петок, март 29, 2024
More

    ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

    Театарски осврт на „Реалисти“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ: Голи луѓе сокриени зад вариолајт

    Современите реалисти се луѓе за кои единствена реалност е онаа што е материјално опиплива, додека од апстрактните именки за емоции орбитрираат само околу моќта. Сепак, станува збор за голи луѓе сокриени позади контрасната светлина налик на онаа што ѕирка преку вариолајт-завесите. Но, што се случува кога во истите ќе биде вперен рефлектор, поточно ќе бидат испровоцирани да се соочат со основната емотивна егзистенција со „простите“ интимни чувства на осаменост, љубов, искрено пријателство и исконската и неусловена потреба од среќата што извира од самите себе?

    Ова се суштинските прашања кои на сосема ненаметлив и ултра модерен начин ги отвора претставата „Реалисти“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, која по вчерашната импресивна изведба во кумановскиот театар, првата изведба годинава на малата сцена на Македонскиот народен театар ќе ја има на 22 јануари.

    „Реалисти“ е сработена по текст на српската авторка Јелена Којго, а во копродукција со српскиот културен центар „Спона“ и е извонреден сценски, но и интеркултурен пример. Mакедонските актери го играат текстот на оригиналниот јазик на кој го пишува Којго.

    По претствата „Дух“, Јаниќијевиќ повторно со специфичен режисерски јазик, сценографски минимализам и одлична игра на актерите со моќен текст што говори сега и тука. Во „Реалисти“ повторно потсетува на кризата на модерниот човек кој сосема го напушта концептот на хуманизам и емпатија во интерес на материјалната моќ. Под играта на варијабилното светло, дискретниот говор на музиката, доминираат дијалозите на очајните индивидулаци, младиот успешен маркетинг-менаџер (Владимир Петровиќ), психијатарот Грегор (Ивица Димитријевиќ), анксиозната млада жена Соња (Нина Деан Гачиќ), тајкунот Ратко (Стефан Вујисиќ) и неговата сопруга Гордана (Ивана Павлаковиќ).

    И сите полека, од амбицијата да го покажат најдоброто од себе, секој со бројни алиби за „личниот успех“, тотално дезориентирани во обидот да нè убедат во наводно единствената реалност што ја наметнува либерал-капитализмот, ги разголуваат осаменоста, несреќата, изгубеноста, оддалечени илјадници емотивни милји од тоа што навистина подразбира реалноста. Интересно е што секој од нив, пак, носи извесна самосвест за апсурдот на материјалната потрага, но се движат по една инерција – ад акта. Наспроти моралниот хендикеп, итаат кон успехот, илузија креирана и наметната од современото општество.

    Обидот да се „наместат и подместат“ при секое губење на тлото под нозете и соочување со самите себе е прикажан на едноставен сценографски начин со интересни сценски движења на актерите, додека музиката е важен суптилен сценски говор.

    Веројатно, актуелноста на текстот е генерациски блиска до актерите и тие со леснотија влегуваат во психологијата на карактерите. И не случајно иницијалната драмска каписла пука во дијалогот меѓу психијатарот и младиот јапи. Иако психијатарот се обидува да прикаже една морална вертикала и самиот говори за некои етички вредности, се декларира за левичар, истиот е длабоко несреќен, добро ја наплатува својата работа и живее во брак сосема свесен дека сопругата го изневерува. До драмскиот заплет стигнуваат речиси документаристички, што во еден миг оддава впечаток дека публиката е воајер на автентични судбини, но истовремено неизбежно е испровоцирана да погледне во себе. Сите пет карактери се одлично синхронизирани и одиграни од актерите, но изненадува и доминира играта на младата Ивана Павлаковиќ, која со особена зрелост влегува во карактерот на Гордана.

    Не станува збор за спектакл во кој доминираат театарски реквизити, костими и сценски ефекти, но сигурно е ексклузивна театарска можност да се погледне на реалноста во очи.

    Latest Posts

    АКТУЕЛНО

    Stay in touch

    To be updated with all the latest news, offers and special announcements.