Вардар најверојатно ќе биде ослабен за двајца клучни ракометари од следната сезона. Дали ова е почеток на крајот на европскиот Вардар?

Илија Абутовиќ и Хорхе Македа, двајцата клучни ракометари во составот на Раул Гонзалез се на мета на германскиот великан Рајн Некар Левен. Еден од најдобрите европски дефанзивци, Абутовиќ, речиси сигурно својата кариера ќе ја продолжи во Германија, а сега преостануваат само деталите околу договорот и обештетувањето, пишува порталот „24 ракомет“.

Ракометарите на Вардар станаа интересни за менаџерите и големите клубови по освоената европска титула во Келн годинава. „Црвено-црните“ и оваа сезона играат на високо ниво и се еден од ретките тимови без пораз, но сето тоа може да се промени веќе од идната сезона.

Сопственикот на клубот, Сергеј Самсоненко, најпрво објави дека ќе се повлече од сите свои клубови во Македонија (РК, ЖРК и ФК Вардар), но на крајот се предомисли и објави дека останува со играчите, но сепак, тоа беше повод за шпекулациите за почеток на крајот на европскиот Вардар. Арпад Штербик веќе потпиша за Веспрем пред неколку недели, а и тренерот на Вардар и селектор на Македонија, Раул Гонзалес, исто така е на мета на голем број клубови, пред се ПСЖ кој остварил контакти со шпанскиот стручњак.

За Абутовиќ заинтересиран е и Кил, но Рајн Некар е клуб со поголеми амбиции во ЛШ и Бундеслигата во моментов, иако „Зебрите“ од друга страна се далеку поголем бренд. Абутовиќ, кој во Вардар ги одигра најдобрите партии во својата кариера, има договор со македонскиот и европскиот првак, но Германците се подготвени да исплатат и обесштетување за да го доведат во своите редови.

И Македа има понуда за која треба брзо да размисли и да одлучи што понатаму во својата кариера. Македа во Вардар пристигна од Нант, а сезонава игра во одлична форма, поради што го привлече вниманието на Рајн Некар.

Вардар сезонава, според рангирањето на ЕХФ, е прв фаворит за освојување на титулата во Лигата на шампионите.

Извор: спортклуб.мк