Играчот на Вардар и репрезентацијата на Хрватска, Игор Карачиќ, е убеден дека првиот меч на Европското првенство против Србија ќе мине без инциденти.

Средниот бек рекол дека доколку се случи нешто несакано,  заедно со соиграчите ќе ги штити српските ракометари.

Игор Карачиќ во Вардар е соиграч со пикерот на српскиот тим Мијајло Марсениќ. Одговарајќи на новинарско прашање дали во случај на инцидент со своите тела би ги заштитиле српските играчи, рекол:

„Сигурно. Ние сите сме спортисти. Како што ние очекуваме од нив да ни помогнат во таква ситуација, така и ние би сториле сè за да им помогнеме на нашите пријатели таму. Ние го делиме лебот во своите клубови, не дај Боже да дојде до нешто несакано. Но, сепак, јас не верувам дека ќе се случи такво нешто, особено овде, во Хрватска“, рекол Карачиќ.

Хрватска и Србија утревечер во Сплит ќе го одиграат првиот натпревар на Европското првенство.