Голманот на европскиот шампион Вардар, Арпад Штербик заедно со бекот на Нант, Ана Грос се прогласени за најдобри играчи на ЕХФ за месец октомври.

ЕХФ посочува дека Штербик е еден од клучните играчи за Вардар и дека актуелните шампиони предводени од ветеранот на голот го држат првото место во групата А во Лигата на шампиони.

„Кога бев помлад, сите индивидуални достигнувања ми беа многу важни, но сега како минува времето тимските остварувањасе поважни. Сепак, бидејќи наскоро ќе имам 38 години и има толку многу добри голмани во ЛШ, секако дека е чест да бидеш играч на месецот според ЕХФ. Имавме доста тешки мечеви во октомври, како гостувањето во Сегед, а никогаш не знаеш што да очекуваш кога играш со Загреб“, вели Штербик.

Месецот заврши за Вардар со убедлива победа над Барселона, а Штербик добро го затвори пристапот до својот гол.

„Победата над Барселона значеше многу бидејќи го задржавме првото место во групата. Според експертите ние бевме меѓу фаворитите, но според моето искуство, фаворитите се менуваат секогаш. Ќе биде тешко да го задржиме првото место, но одиме чекор по чекор. Целта е да го дадеме максимумот во секој меч и да играме во Келн во големото финале“, вели Штербик.