Министерството за транспорт и врски распиша тендер за реконструкција на патниот правец Скопје – Куманово, во должина од 23 километри.
„Пред само неколку дена се објави тендер за Прилеп-Градско продолжување на експресниот пат, но исто така сакам да информирам дека започна и втора фаза на тендерирање преку ИПА инструментот и за уште еден коловоз. Се работи за Скопје-Куманово, ние пред извесно време ја започнавме изградбата на едниот коловоз од Куманово до Скопје, а веќе фазата на тендерирање за изградба на вториот дел, над 20 километри во еден правец. Тоа значи нов тендер кој би траел отприлика до средината на ноември, и да продолжиме со целосна рехабилитација, со поставување на нов коловоз, нова сообраќајна сигнализација како и санирање на сите мостови“, рече министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.
Ова значи дека 23 километри од Скопје до Куманово ќе бидат рехабилитирани и реконструирани. По завршување на тендерот, се очекува градежните работи на оваа делница да почнат во 2017 година, а до крајот на таа година да се реконструира комплетно оваа автопатска делница.
„Ова е важно, бидејќи многу вложуваме во Коридорот 10 односно се обидуваме максимално да ја подобриме инфраструктурата, се работи на автопатот Демир Капија-Смоквица, таму сме во завршна фаза многу добро оди динамиката и очекувам до крајот на годината комплетно да биде завршена. Останува во првиот квартал од 2017 година да ги завршиме сите други дополнителни работи околу електриката. Исто така се продолжи од Смоквица кон Гевгелија, тоа е уште една фаза преку ИПА компонентата која се гради. Во завршна фаза сме на Неготино-Демир Капија, го чекаме сообраќајниот режим од МВР бидејќи таква е процедурата, имаме потпишано договор и станува збор за инвестиција од околу 5 милиони евра“, објасни министерот за транспорт и врски.
Тој додаде дека инвестициите на Коридорот 10 ќе надминат 230 милиони евра.
„Во целата држава се градат преку 170 километри автопат, но важно е да ја зголемиме безбедноста на Коридорот 10 и затоа максимално вложуваме не само на овој, туку и на сите коридори“, посочи Мисајловски./