Посетата на рускиот претседател, Владимир Путин, во Србија помина со безбедносни мерки на највисоко ниво.
За безбедноста на Путин се грижеа повеќе од 5.000 српски полицајци и припадници на тајните служби и 300-350 руски припадници на безбедноста, кои, според српските медиуми, претходно оваа недела веќе пристигнаа во Белград.
Кога слета во Белград, Путин со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, првин ги посети Гробиштата на ослободителите на Белград.
Во таа пригода камерите забележааа интересен детаљ. Во многубројната безбедносна придружба на Путин особено се истакнуваше еден телохранител кој цврсто држеше црна торба и во чекор го следеше Путин.
Како што пишуваат српските медиуми, тоа е посебна торба – внатре се наоѓаат контролите за руското нуклеарно оружје.
Во американските филмови познати се сцените во кои американските претседатели не се одвојуваат од навидум деловните торби во кои ги кријат контролите на нуклеарното оружје. Но, за разлика од американската торба што ја нарекуваат „фудбал“, руската верзија се нарекува „чегет“.
Според „Блиц“, торбата го добила името според еден планински врв на Кавказ, што во превод значи – црн. Чегет му овозможува на рускиот претседател во секој момент да може да комуницира со руската врховна команда на нуклеарните сили. Борис Елцин дури еднаш и ја искористил торбата и го запалил „чегетот“ во 1995 година поради лансирана ракета во Норвешка.
За среќа, тоа била само метеоролошка ракета, така што немало реакција.