Здравствените работници во Штип се разочарани и лути, бидејќи дел од лицата кои се во самоизолација, но и членови на нивните семејства се шетаат низ населените места.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев на својот ФБ профил јавно го изрази своето разочарување, а воедно и апелираше.
– Ако сте имале конткат со некој заболен или сомнителен за корона инфекција не се рашетувајте секаде, со мотото „немам гајле”. Остани дома, прекини контакти, пријави се, тестирај се. Заштити се себе, најблиските, колегите и медицинските работници. Да не си играме, додека не стане доцна. После веќе ништо нема да биде исто, вели Ѓеорѓијев.
Во текот на вчерашниот ден регистриран е осмиот случај позитивен на Ковид 19 во Штип. Епидемиолозите ги чекаат резултатите од брисевите кои се испратени во текот на вчерашниот ден. Општина Штип покрај тоа што ги дезинфецира улиците, од синоќа почна и со дезинфекција на влезовите во сите станбени згради.
МИА