На крајот од оваа сезона Раул Гонзалес заминува во ПСЖ, а Давид Дејвис ќе остане во клубот и во следната 2018/2019. Тој и понатаму ќе ја има функцијата помошник, а новиот тренер ќе пристигне исто така од Шпанија.

Стратегот кој ќе биде на позицијата тренер на Вардар и е веќе добро познат на македонската јавност. Роберто Гарсија Парондо во моментов е помошник на Ирина Дибирова во женската екипа на Вардар, а воедно е и асистент на Раул Гонзалес во репрезентацијата на Македонија.

Ова значи дека Парондо само ќе се преориентира на водењето на машки тим така што ќе нема проблеми да работи и во таборот на европскиот првак и во репрезентацијата на Македонија.

Парондо пристигна во Македонија минатата година откако Раул ја презеде репрезентацијата. Потоа доби работа и во женскиот тим на Вардар, за да се адаптира побрзо на работата во клубот. Сезонава со Дибирова имаат импресивни резултати бидејќи се без пораз во сите натпреварувања.

Овие бројки беа показател дека може да седне на жешката клупа на европскиот првак. Тоа ќе биде првиот предизвик како главен тренер, а ќе има помошник во Давид Дејвис кој исто така одлично ја знае работата во Вардар, па ова ќе биде тандемот кој ќе треба да го задржи високото ниво кое вардарци го демонстрираат во последните неколку сезони.

Ваквата одлука за поставување на Парондо за тренер на машкиот тим на Вардар се поврзува и со најавата за заминување на клучните ракометарки на Вардар од екипата.

Извор: 24Rakomet.mk