Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска беше во работна посета на Валандово каде што се сретна со градоначалникот Перо Костадинов, како и со градоначалниците на околните општини Гевгелија, Дојран и Богданци.
На средбата беше разговарано за економската состојба во општина Валандово и во регионот и можностите што ќе се отворат со членството во НАТО. Шекеринска рече дека за неколку денови Македонија ќе се придружи на масата на сојузниците од алијансата како рамноправен партнер и дека тоа ќе ја зголеми видливоста на земјава на светската инвеститорска мапа.
„Очекуваме членството во алијансата економски да ги заживее општините и да го ублажи проблемот со иселувањето на младите“, рече министерката.
Таа истакна дека Валандово и целиот регион како земјоделско подрачје ќе добијат поголеми можности за извоз на природна храна, што ќе ги отвори перспективите за иновации во производството на храна и задржување на населението од натамошна економска миграција.
Министерката одржа состанок и со бизнис-секторот на кој ги пренесе искуствата на земјите кои последни му се придружија на НАТО, акцентирајќи го забрзаниот развој поради зголемената сигурност во домашните и во странските инвестиции. Бизнис-заедницата од валандовскиот крај ги изнесе состојбите и предизвиците со кои се соочува и поздравувајќи го разрешениот спор со Грција порача дека сега откако е отстранета пречката за НАТО и ЕУ очекуваат од Владата да се сврти кон домашните теми и целосно да се посвети на економската политика со цел заживување на приватниот сектор.
Во рамки на престојот во Валандово, Шекеринска ја посети и локалната противпожарна единица каде што со нејзините припадници разговараше за техничката и кадровска опременост во гасењето пожари.