Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска имаше средба со кадетите од Воената академија, Сара Тасевска и Стефан Стојаноски, кои со натпросечен успех завршија настава од еден семестар на австриската Воена академија, при што Сара Тасевска е избрана и за најдобар меѓународен студент, соопштија од Министерството за одбрана.
На средбата министерката Шекеринска го изрази своето задоволство од постигнатиот успех на питомците и рече дека истиот е потврда на нивното залагање, посветеност и желба за нови знаења.
„Вие сте гордост не само за Воената академија туку и за целата АРМ, за нас како Министерство за одбрана и за нашата држава бидејќи со постигнатиот успех покажавте дека Македонија има кадровски потенцијали за да ја гради својата иднина како земја членка на НАТО“, рече министерката Шекеринска. „Вашата амбициозност и посветеност се пример и за следните генерации на Воената академија“, истакна таа.
Шекеринска додаде дека Воената академија развива образовен систем кој овозможува знаењата од областа на безбедноста да се компарираат и дополнуваат со знаењата и вештините кои ги нудат воените академии во странство.