Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, потврди дека САД официјално побарале од Приштина да ги укине наметнатите даноци, стопроцентно зголемени, на српски производи.
Тој повтори дека тоа нема да се случи сè додека не се постигне договорот со кој Србија ќе ја признае косовската независност. Харадинај рекол дека американскиот став за даноците го добил преку американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет.
„Амбасадорот го изрази ставот на американската влада за барањето за суспензија на даноците за да се отвори пат за дијалог. Тоа е нивно официјално барање. Но, тие се свесни дека ние немаме право да ги коментираме нивните ставови“, рекол Харадинај на седница на владата.
Наспроти американските барања, Харадинај тврди дека вака зголемените даноци ќе останат на сила до потпишувањето сеопфатен договор, кој би резултирал со признавање на косовската независност од страна на Србија.
Како што рекол, очекува договорот со Србија за меѓусебно признавање да биде постигнат до 2022 година, инаку даноците ќе останат на сила.