Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, изјави дека САД нема да престанат да ја поддржуваат Приштина, без оглед на тоа дали тој ќе добие виза.
Харадинај за време на средбата со 120 студенти од Виена и Венеција, кои престојуваат во Приштина во рамките на студиска програма за демократизација и човекови права, рече дека верува во САД и уверен е дека ќе продолжат довербата и поддршката што Америка му ги дава на Косово од 1999 година, пренесе „Газета експрес“ во онлајн-изданието.
Косовскиот премиер претходно потврди дека САД го одбиле неговото барање за виза и дека тој ни годинава нема да може да присуствува на традиционалниот молитвен појадок во Вашингтон.
Приштинските медиуми тврдат дека Харадинај е одбиен бидејќи не се согласува да ги укине стопроцентните такси на производите од Србија и Босна и Херцеговина. Инаку, ова е втора година по ред како барањето на Харадинај за виза во САД е одбиено.
На почетокот на јануари минатата година САД го одбија неговото барање за виза кога во парламентот беше поведена иницијатива за отповикување на одлуката за формирање специјален суд за воени злосторства.