Францускиот претседател, Емануел Макрон, испрати писмо до Французите, во кое тој го повикува народот на голема национална дебата и решавање на кризата што ја тресе земјата изминативе неколку месеци со протесите на „жолтите елеци“.
Големата национална дебата, која ќе почне во вторник во Франција, а чија цел е решавање на кризата предизвикана од протестите на незадоволните граѓани, нема да биде референдум, соопштија од Елисејската палата.
„Франција е земја како ниедна друга. Чувството за неправда тука е посилно отколку на друго место. Барањето помош и солидарност е посилно“, се вели во писмото на Макрон, кое беше објавено и во медиумите и на социјалните мрежи.
Макрон рече дека бесот на граѓаните сака да го претвори во решенија. Претседателот посочи дека за време на дебатата, која ќе трае до 15 март, фокусот се става на 35 клучни прашања што треба да се решат, а додава и дека четири од нив се главна тема на агендата, и тоа се куповната моќ, данокот, демократијата и животната средина.