Од деветте пациенти со коронавирус шест се во стабилна состојба, а кај тројца е забележано лесно влошување. Тие засега сè уште се без респираторна поддршка. Тројцата се над 65 години, соопшти министерот за здравство Венко Филипче на пладневната прес-конференција.
Утрово е јавен еден пациент што на 7 март е дојден од Германија, а утрово качил висока температура. Вчера беше назначена нова директорка на Клиниката за дерматовенерологија, рече Филипче и додаде дека нема знаци на заболување на лекари од оваа клиника.
„Во разговори со одговорни лица од Италија“, рече министерот, „дознавме дека дури по воведувањето ригрозни мерки нема нови случаи. Предлагаме до Владата нови мерки – забрана на сите јавни и приватни собири без разлика на бројката на учесници, кафетериите и рестораните до 18 часот, и тоа со преполовен капацитет, за да има дистанца од 1,5 до 2 метри меѓу гостите. Сите киносали, театри, обложувалници и казина да затворат. Сите хронични пациенти за интервенција да се одложат освен итните.“
На прашањето дали препораката за скратено работно време до 18 часот важи и за казината и обложувачниците, Филипче рече дека таа важи за сите места каде што има масовно собирање, а што се однесува до полните кафетерии со студенти, тој потсети дека апелираат на јавната свест.
Што се однесува на членовите на семејството на сменетата директорка на Кожната клиника, рече дека тие се во изолација, а епидемиолозите утврдиле дека нема шанси тие да се преносители.
За возачите на цистерните што возат секојдневно до Солун, Филипче најави дека веројатно ќе се препорача посебна заштита за да не се загрози снабдувањето со нафтени деривати.
Тој повтори и дека на состаноците со Комисијата за заразни болести досега во ниеден момент не било разгледувано прашањето за изборите, туку целта е да се заштити здравјето на граѓаните, бидејќи, како што рече, јавното здравје е врвен приоритет.
Извор: MKD.mk