Двајца ракометари од репрезентацијата на Македонија, Стојанче Стоилов и Филип Талески се најдоа во конкуренција за најдобри играчи на своите позиции на Европското првенство во Хрватска, пишува 24Ракомет.мк

Според она што го прикажаа тие влегоа во потесна конкуренција и тоа меѓу петте најдобри играчи на позициите пивот и лев бек. Изборот ќе биде за фановите, а тие ќе може да гласаат на следниот ЛИНК.

Стојанче Стоилов има силна конкуренција на својата позиција во уште четири одлични пивоти. Самото вбројување на Стоилов меѓу петте најдобри пикери на овој шампионат е веќе одлично признание за него, а доколку успее да добие најмногу гласови тоа ќе биде само уште поголема награда за сето она што го направи на шампионатот.

Во конкуренција со Стоилов за најдобар пивот на ЕП се наоѓаат и Бјарте Мирхол (Норвешка), Адријан Фигуерас (Шпанија), Блаж Благотиншек (Словенија) и Јеспер Нилсен (Шведска).

Стоилов од максималните 360 минути на теренот мина дури четири часа, 51 минута и 31 секунда, а повеќе од него на теренот беше само Дејан Манасков и тоа 42 секунди.

Кон противничкиот гол биеше со прецизност од 78 проценти. Упати 23 удари, а погоди 18 пати. Покрај тоа доби четири жолти картони и две исклучувања.

Филип Талески, пак, со оглед на тоа што е на позицијата лев бек има уште посилна конкуренција. Само што ќе се спомене името на Микел Хансен веќе станува јасно дека е во трка за големо признание бидејќи Данецот е меѓу тројцата најдобри ракометари во светот во моментов.

Покрај Талески и Хансен во трка за најдобар лев бек на ова ЕП се и: Улаѕислау Кулеш (Белорусија), Борут Мацковшек (Словенија) и Симон Јепсон (Шведска).

Талески одигра четири часа 46 минути и 6 секунди, а со нив е трет ракометар во составот на Македонија. Постигна 21 гол од 41 удар, а тоа е 51 процент на реализација.

ИГРАЧИ ЗА КОИ МОЖЕ ДА СЕ ГЛАСА РАСПОРЕДЕНИ ПО ПОЗИЦИИ

ГОЛМАНИ: Винсен Жерар (Франција), Микел Апелгрен (Шведска), Јаник Грен (Данска), Андреас Волф (Германија), Торбјорн Бергеруд (Норвешка).

ЛЕВИ КРИЛА: Кентин Мае (Франција), Андреј Јуринок (Белорусија), Мануел Штрлек (Хрватска), Валеро Ривера (Шпанија), Јери Толбринг (Шведска).

ЛЕВ БЕК: Микел Хансен (Данска), Улаѕислау Кулеш (Белорусија), Борут Мацковшек (Словенија), ФИЛИП ТАЛЕСКИ (МАКЕДОНИЈА), Симон Јепсон (Шведска).

СРЕДЕН БЕК: Сандер Сагосен (Норвешка), Расмус Лауге (Данска), Лука Циндриќ (Хрватска), Никола Карабатиќ (Франција), Ондреј Здрахала (Чешка).

ДЕСЕН БЕК: Албин Лагергрен (Шведска), Кент Робин Тонесен (Норвешка), Алекс Душебаев (Шпанија), Лука Степанчиќ (Хрватска), Петер Балинг (Данска).

ДЕСНИ КРИЛА: Кристијан Бјорнсен (Норвешка), Валентин Порт (Франција), Гашпер Маргуч (Словенија), Ханс Линдберг (Данска), Феран Соле (Шпанија).

ПИКЕР: Бјарте Мирхол (Норвешка), Адријан Фигуерас (Шпанија), СТОЈАНЧЕ СТОИЛОВ (МАКЕДОНИЈА), Блаж Благотиншек (Словенија), Јеспер Нилсен (Шведска).

ДЕФАНЗИВЕЦ: Павел Хорак (Чешка), Фин Лемке (Германија), Јаков Гојун (Хрватска), Адриен Дипанда (Франција), Гедеон Гвардиола (Шпанија).

Гласањето трае до сабота до 12 часот, а се гласа на следниот ЛИНК. Најдобрите ракометари по позиции ќе бидат објавени после затворањето на гласањето.