Деновиве на социјалните мрежи се појави фотографија на учител од Гана, кој ги подучува децата како да користат „Ворд“, без компјутер.
Мажот од Кумасиј нацртал со креда детален цртеж од програмата на табла, а фотографиите од необичниот наставен метод станаа хит по нивното објавување на „Фејсбук“.
За случката набргу дозна и компанијата „Мајкрософт“, која на училиштето му вети нови компјутери.
„Ги сакам моите ученици и ќе направам сè што треба за да го разберат она што ги подучувам“, напиша учителот Ричард Акото на „Фејсбук“.
Училиштето во кое работи Акото нема компјутери уште од 2011 година, а од учениците се очекува на приемниот испит за средно училиште да полагаат и информатички и комуникациски технологии.