Лавина која се спуштила од Хималаите го погодила индискиот регион Ладах одземајќи три животи, а по седум лица уште се трага.
Како што пренесе „АП“, лавината го погодила патот Кардунг Ла и заробила десет лица под снегот, изјавија локалните власти.
За време на спасувачката операција извлечени биле три безживотни тела, а тимовите за вонредни ситуации работат на пронаоѓање на останатите. Жртвите биле работници кои извршувале работни задачи во областа.
Лавините и свлечиштата се честа појава во регионот Кашмир, територија помеѓу Индија, Пакистан и Кина. Право на оваа територија тврдат дека имаат и Индија и Пакистан кои се спорат. Лани загинаа 11 лица во лавина што го погоди овој регион. Во 2017 година, во лавина загинаа најмалку 20 индиски војници, а во 2012 година во пакистанскиот дел голема лавина однесе 140 животи, од кои 129 беа војници од Пакистан.