Двоцифрени бројки во три статистички категории изминатата ноќ во НБА лигата остварија Расел Вестбрук (Оклахома) и Николас Батум (Шарлот), Јанис Адетокумбо (Милвоки( постигна рекордни во кариерата 39 поени, кош повеќе уфрли Зек Лавин (Минесота), а Џејмс Харден (Хјустон) оствари 17 асистенции. Тимски сигурни победи славеа Кливленд и Голден Стејт.
Вестбрук е темата број 1 во НБА лигата, откако го забележа 14-от трипл дабл во сезоната, вкупно 51-ви во кариерата. Оклахома победи во Бостон 117:112, а Вестбрук имаше учинок од 45 поени и по 11 скокови и асистенции. На спротивната страна Ајзеа Томас оствари 34 поени и 10 асистенции.
Францускиот ас Николас Батум со 20 кошеви, 11 скокови и исто толку асистенции беше најзаслужен за триумфот на Шарлот над Чикаго 103:91.
Гркот Јанис Адетокумбо или како го нарекуваат во НБА лигата Greek freak постигна рекордни во кариерата 39 поени, а Милвоки го порази Вашингтон 123:96.
Минесота загуби од Сакраменто 109:105, иако Зек Лавин мечот го заврши со 40 постигнати поени.
Кливелнд со тимска игра, седуммина постигнаа двоцифрен број на кошеви, лесно славеше над Бруклин 119:99, а Кевин Дурент со 32 и Стеф Кари со 25 поени го предводеа Голден Стејт до триумфот над Детроит 119:113.
Резултати: Орландо-ЛА Лејкерс 109:90, Мемфис-Хјустон115:109, Њу Орлеанс-Мајами 91:87, Денвер-Атланта 108:109, Феникс-Филаделфија 123:116, Јута-Торонто 98:104, Портланд-Сан Антонио 90:110, ЛА Клиперс-Далас 88:90.