Во општата болница во Кралево во ладилник се пронајдени 13 мртви бебиња, објавија српските медиуми. Заменик-директорот на болницата изјавил дека станува збор за мртвородени бебиња.
„Тоа се мртвородени бебиња, кои сè уште не сме ги погребале затоа што немаме каде. Не е ништо пронајдено затоа што не сме го криеле тоа. Бебињата се наоѓаат на паталогија како што налагаат прописите“, рекол заменик-директорот на болницата, Драган Калевиќ.
Објаснил дека се работи за бебиња што родителите не сакале да ги земат и сами да ги погребаат и дека според зaконот не се ни должни да го направат тоа.
Калевиќ рекол дека во тек е формирање комисија, која ќе одлучува за местото каде што во иднина ќе се погребуваат мртвородените бебиња.