Ќерката на Стив Џобс го опишува татко ѝ како расипан човек кој успеал во животот. Вели дека неговото однесување било неподносливо за луѓето околу него – вработените, деловните партнери, семејството и пријателите. Книгата „Small fry“ со сите нејзини сеќавања за татко ѝ ќе биде објавена на 4 септември, а „Бизнис инсајдер“ објави неколку детали.
Најстарото дете на основачот на „Епл“, Стив Џобс, Лиза Бренан Џобс, која ја добил на 23-годишна возраст и негирал дека ѝ е татко сè додека тоа не било потврдено со ДНК анализа, вели дека со мајка ѝ живееле сиромашно и дека нејзиниот татко ретко ѝ посветувал внимание. Кога судот го принудил да плаќа алиментација, прво се осигурал случајот против него да биде готов пред јавно да го објави основањето на „Епл“ и да стане мултимилионер.
Како тинејџерка Лиза отишла да живее со Стив, и како што пишува во книгата, ѝ забранил да ја види мајка ѝ шест месеци. Кога се пожалила на татко ѝ и на маќеата дека се чувствува осамено и ги замолила да ѝ посакаат добра ноќ пред спиење, Стив ѝ рекол: „Ние сме ладни луѓе“.
Таа пишува дека Стив еднаш додека имал секс со сопругата барал и Лиза да биде во собата и да присуствува на тој „семеен момент“. Во повеќе наврати ѝ ги земал парите и ѝ велел дека нема да добие денар од него.
Суштината на книгата е всушност дека Стив Џобс на деловен план имал неверојатни достигнувања, но дека во приватниот живот бил многу груб и ужасен човек.
„На крајот – дали неговите достигнувања ја надминаа неговата грубост кон другите? Не знам. Знам дека често ги славиме луѓето поради нивните достигнувања без поблизу да погледнеме какви се како човечки суштества и како нивните амбиции влијаат на луѓето во светот“, пишува Лиза.
Сеќавањата на Лиза драстично се разликуваат од спомените на втората сопруга на Стив, Лорен Џобс, и неговите сестри.
Текстот Стив Џобс беше груб и ужасен човек, открива неговата ќерка е превземен од МАКФАКС.