По 16 години правење на разни експерименти со системот на натпревари и со бројот на учесници, кошаркарската Евролига започнува нова ера, која треба да ја приближи до НБА лигата.
Првиот човек на Евролигата, Жорди Бартомеу, пред почетокот на сезоната, вели дека со новиот систем се остварени соништата на сопствениците, тренерите, играчите и новинарите.
Сезоната 2016/2017 во кошаркарската Евролига ќе започне во среда со натпреварот помеѓу Реал Мадрид и Олимпијакос.
Според новиот систем во Евролигата ќе играат 16 екипи, тимовите ќе одиграат по 30 натпревари, по принцип секој со секого дома и во гости, а по завршувањето на тој дел од лигата, најдобрите осум ќе играат во плејофот. Победниците од плејоф дуелите, во мај ќе играат на завршниот турнир чии домаќин ќе биде Истанбул.
Титулата ја брани ЦСКА Москва, екипа која и во новата сезона е еден од сериозните кандидати за пласман на завршниот турнир.
Во пресрет на евролигашката сезона многу пари во реновирање на составите вложија три турски тима (Анадолу Ефес, Дарушафака, Галатасарај), додека вицепрвакот Фенербахче речиси со истиот тим од минатата сезона ќе го напаѓа европскиот врв.
Одлични тимови за напорната сезона составија грчките гиганти Олимпијакос и Панатинаикос, како и шпанските великани Реал и Барселона.
Инаку според новиот систем секоја победа во Евролигата носи сума од 40.000 евра, а севкупниот награден фонда за сезоната 2016/2017 изнесува 30 милиони евра.