Самостојниот синдикат на новинари и на медиумски работници (ССНМ) најостро ги осудува денешните физички напади врз новинари и фоторепортери од страна на обезбедувањето ангажирано од Македонската православна црква (МПЦ) за манифестацијата фрлање на крстот во Скопје по повод верскиот празник Водици, соопшти ССНМ.
„Според изјавите од напднатите колеги, како и од наши членови очевидци на инцидентот, обезбедувачите од агенцијата „НИКОБ“, грубо физички се однесувале кон новинарката на Канал 5, Мирјана Мирчевска-Јовановиќ, кон фоторепортерката од МИА, Ивана Батев и кон фоторепортерот од Република, Александар Ивановски. Новинарката на Канал 5 притоа има здобиено повреди на раката и вратот, поради што ѝ била укажана лекарска помош во Универзитетската хируршка болница „Св. Наум Охридски“.
ССНМ бара од полицијата и Основното јавно обвинителство темелно да го истражат инцидентот и соодветно да ги казнат напаѓачите, со што ќе пратат порака дека нема толеранција за каков било напад врз новинари или врз медиумски работници, а особено не за физичко насилство при вршење на основната дејност – информирање на јавноста.
Ова дотолку повеќе го бараме затоа што ова не е прв инцидент со обезбедувачи на МПЦ за време на Водици, поради што за одговорна ја сметаме и МПЦ и второ, затоа што со практика на неажурност на надлежните дополнително се придонесува кон охрабрување на напади врз новинари и медиумски работници.