Светската асоцијација на олимпијци (ВОА) побара на спортистите да им бидат вградени микро-чипови за сериозна борба против допингот. Мајк Милер, извршниот директор на ВОА, вели дека се потребни радикални чекори во борбата против допингот, вклучувајќи поставување на импланти кои би препознале било какво внесување на недозволени средства.

„Некои велат дека такви работи не треба да се прават на луѓето. Ние сме нација на љубители на кучињата, и подготвени сме да поставуваме чипови во нашите кучиња кои не им прават никакво зло, така што, не гледам причина зошто да не се направи истото со луѓето“, вели Милер.

Неговата најголема грижа е дека измамниците можат да ја злоупотребат технологијата да избегнат детектирање преку самонабљудување и престанок на допингувањето кога крвта ќе се врати во „нормала“.

„Проблемот со сегашниот систем на тестирање е што тој се случува во одреден момент во времето и некои од измамниците можат да го подесат земањето на недозволени средства пред да се случи тестот“, додава Милер.

ВОА претставува 48 национални асоцијации на олимпијци и 100.000 поранешни спортисти.